Учениците од ООУ „Браќа Миладиновци“, заедно со директорот на училиштето и дел од наставниот кадар, остварија средба со градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, по нивното враќање од тридневната посета на збратименото училиште ООУ „Ѓура Јакшиќ“ во српската општина Ќуприја.

На средбата, учениците ги споделија своите впечатоци и искуства од посетата, при што истакнаа дека имале можност да се запознаат со културата, начинот на образование и секојдневието на своите врсници. Посетата претставува продолжение на веќе воспоставената соработка, при што минатата година, делегација од Ќуприја престојуваше во Општина Илинден.

За време на престојот во Ќуприја, учениците од Илинден беа примени од градоначалничката Јелена Ќулинац, а реализираа и низа активности, меѓу кои спортски натпревари во футсал, кошарка и одбојка, како и следење на фолклорни настапи и разгледување на градот.

Градоначалникот Георгиевски нагласи дека Општина Илинден останува посветена на унапредување на меѓуопштинската соработка и градење пријателски врски, истакнувајќи дека ваквите иницијативи се од особено значење за образовниот и личниот развој на младите генерации.