Велосипедската трка „Трофеј Илинден 2015“ се возеше низ Општина Илинден

Објавено на: 27.07.2015 - 08:32

Круна на Спортскиот викенд „Илинден 2015“, што традиционално седма година по ред се одржува по повод одбележувањето на Денот на Општина Илинден, „Илинден 2-ри Август“, беше професионалната велосипедска трка „Трофеј Илинден 2015“, која во должина од 100 километри се возеше низ населените места во Општина Илинден.

Во организација на Општина Илинден, со поддршка на Велосипедската федерација на Македонија и велосипедскиот клуб „Водно“, во оваа трка која што има меѓународен карактер учествуваа 80 велосипедисти од земјата и од странство. Трката е влезена во календарот на велосипедски трки на Велосипедската федерација на Македонија и се бодува за купот на нашата земја.

Стартот и целта на велосипедската трка која што се возеше во 4 круга од по 25 километри низ населените Илинден, Марино, Ајватовци, Мршевци, Дељадровци, Текија, Миладиновци, Кадино беше пред Спортската сала „Гоце Делчев“. Велосипедистите се натпреваруваа во повеќе категории сениори, јуниори, кадети, мастерс, како и категориите У-13 и У-15.

„Трофеј Илинден 2015“ во најсилната категорија му припадна на гостинот од Србија, Марко Даниловиќ, а на второто и третото место се пласираа неговите сонародници Јован Зековица и Стефан Стефановиќ, сите од вeлосипедскиот клуб Борац од Чачак.

Кај јуниорите тројна победа однесе националниот тим на Република Бугарија предводен од Михаил Михаилов, кој стигна прв на целта пред неговите сонародници Адријан Беев и Николај Генов.

Кај кадетите прв беше Кристијан Валчевски, втор Александар Филиповски, а третопласиран беше Александар Шолев, тројцата од МВК Велес.

Во категоријата мастерс прв на целта стигна Зоран Ристовски, од Вело-М, Куманово, второто место му припадна на Марјан Гиовски од МВК Велес, а трет беше Дејан Новковски од Енерџи, Скопје.

Во категоријата У-15, за натпреварувачи до 15 години првото место го освои Виктор Ванчовски, МВК Велес, втор беше Валентин Ѓеорѓиев од клубот Драг- Бугарија, а третото место го освои Ѓорѓи Николов од истиот клуб од Бугарија.

Во категоријата У-13 за натпреварувачи до 13 години најдобар беше беше Лука Димитриевски од Спидбајк, Кичево, второто место го освои Војдан Тодоров од Енерџи Скопје, а трет беше Виктор Шалев, МВК Велес.

Пригодните награди за најдобро пласираните, како и традиционалните жолти маички на победниците им ги додели покровителот на манифестацијата, градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски.

Општина Илинден, според зборовите на луѓето од Велосипедската федерација на Македонија, како и во изминатите години се покажа како добар домаќин и организатор на еден вака голем и значаен спортски настан.

 

 

Следете не на...

Find Општина Илинден on TwitterFind Општина Илинден on FacebookFind Општина Илинден on YouTube

пребарување

Видео

„Најдобриот работник“ во Општина Илинден
ilinden.gov.mk © 2013