Изложба „Климент и Наум и нивната духовна светлина“ во Домот на култура „Илинден“

Објавено на: 10.12.2015 - 13:01

Во организација на Домот на култура „Илинден“ и Асоцијацијата за култура ИКОН, во Домот на култура „Илинден”, во Општина Илинден отворена е изложбата „Климент и Наум и нивната духовна светлина“. Наредната година Република Македонија одбележува 1100 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски, па со поставувањето на оваа изложба во Домот на култура „Илинден“ почна чествувањето на оваа значајна годишнина.

Изложбата ја отвори академскиот сликар Новица Трајковски, а со пригодна реч за нејзиното значење на присутните љубители на уметноста им се обрати претседателот на Асоцијацијата за култура ИКОН, м-р Климе Коробар.

-Свети Климент и Свети Наум се творечка инспирација на сликарите, музичарите, копаничарите и поетите. Тие се отворена тема и мотив, секогаш длабоко инспиративен и благороден за творечка креација, затоа што, преку нивната светлина уште повеќе се зацврстува нашиот идентитет и алките на нашиот духовен континуитет. Ние треба да сме горди и благодарни на Климент и Наум, особено денес кога нашето, како што би рекол Блаже Конески, „смачкано племе“ е од сегде притиснато, неправедно доведено дури и во апсурдна ситуација да го брани сопствениот идентитет, истакна за време на отворањето на изложбата Коробар.

Притоа, заблагодарувајќи им се на сите уметници кои дадоа свој придонес во реализацијата на оваа изложба тој истакна дека создадените дела на еминентните македонски уметници говорат за зацврстувањето на корените, почитта и пиететот кон делото на Свети Климент и Свети Наум Охридски, кои се еден од најмоќните столбови на нашето постоење и идентитет.

На изложбата што ќе биде отворена до 20 декември љубителите на уметноста имаат можност да видат триесеттина дела на дваесеттина автори како Васко Ташковски, Глигор Чемерски, Новица Трајковски, Симон Шемов, Павле Кузмановски, Петар Попчев, Владимир Георгиевски, Стефан Хаџиниколов, Доне Милјановски, Ставре Димитров - Стадим, Илија Аџиевски, Трајче Блажевски, Благој Чушков, Александар Станковски, Симонида Филипова Китановска, Маријета Сидовски  и други.            

 

Следете не на...

Find Општина Илинден on TwitterFind Општина Илинден on FacebookFind Општина Илинден on YouTube

пребарување

Видео

„Најдобриот работник“ во Општина Илинден
ilinden.gov.mk © 2013